Нова медицинска опрема во здравствените установи

17.01.2015 18:48

Со набавката на реагенси, на користење се добива апаратот. Досега се набавени 14 вакви апарати...

Лабораториски апарати, со кои можат да се прават и по 400 анализи во еден час ќе добијат сите 56 здравствени установи во земјава. Со набавката на реагенси, на користење се добива апаратот. Досега се набавени 14 вакви апарати.

„Планот е во наредните две недели да се објави јавен повик за набавка на реагенси за уште 56 јавни здравствени установи и тие заедно со реагенсите ќе добијат бесплатни апарати. Практично сите ЈЗУ во Македонија кои имаат потреба од лаборатории за крвни анализи ќе добијат ваков апарат по цени кои се многу подобри од минатото“, изјави премиерот Никола Груевски.

Ваков апарат неодамна беше поставен и во болницата за хируршки болести Свети Наум Охридски, која денеска ја посети премиерот. Оттаму го потврди зголемувањето на пензиите и на социјалната помош за пет проценти предвидени за 2015 година ќе се реализира согласно планот на Владата.

„Планот согласно подготвениот и усвоен буџет е во октомври да дојде до зголемување на пензиите, значи за пензионерите кога ќе ја земат пензијата во октомври да биде зголемена, а во месец јули да бидат зголемени социјалните надоместоци. Станува збор за 2015“, нагласи премиерот Груевски.

Од 2006 година до сега пензиите во државата се зголемени просечно за 62 проценти, а најмалите просечно за 76 насто. Социјалните надоместоци, пак, за истиот период се зголемени за 47 проценти.

 

Андријана Атанасовска