„Се брои победата, продолжуваме понатаму“
Лидерот на нашата репрезентација почна на клупата, но откако не одеше се мазно влезе во игра во 20-та минута, по што беше незаменлив во нападите...

Триумфот е запишан, бодовите се на контото, целта е остварена, но не беа ведри лицата на македонските ракометни репрезентативци по вториот триумф на Мундијалот во Катар како што тоа беше по почетниот успех против Тунис. Самокритичноста е карактеристика на големите, па сигурно ќе има позитивно влијание пред наредните искушенија.
„Победата е само она што секогаш се смета. Ја забележавме и сега со нетрпение го очекуваме дуелот со Босна и Херцеговина. Имавме слабо издание денеска. Почнавме со втората постава и игравме бавно. Иран го искористи тоа и до крај се бореше за полн погодок. За среќа успеавме да ги одбиеме нивните налети благодарение на нашето искуство и на решителноста. Ако играме вака и против Босна и Херцеговина ќе биде многу опасно. Се надевам дека дека ова нема да ни се повтори“, предупредувачки прозвуче капитенот Кирил Лазаров.
Лидерот на нашата репрезентација почна на клупата, но откако не одеше се мазно влезе во игра во 20-та минута, по што беше незаменлив во нападите. Стојанче Стоилов смета дека токму харизмата на Лазаров била пресудна за остварената победа.
„Благодарни сме што играме заедно со него. Тој е легенда, најдобар стрелец на светот во последната деценија. Ракометен убиец којшто може да погоди од секаде во секој момент, против кој и да е противник. Му посакувам да продолжи во врвна форма и да не предводи овде до успешен турнир“, рече Стоилов.
Селекторот Ивица Обрван на официјалната прес-конференција беше повеќе протоколарен во оценката на натпреварот.
„Се виде замор ио психолошка истрошеност кај нас, но јас и свесно сакав да ги распоредам силите на играчите пред понатамошните натпревари. Можам само да им честитам за втората победа, сега го чекаме и му се посветуваме на третиот натпревар“, изјави хрватскиот стратег на македонската клупа.
