СП Катар 2015
Македонија чекори кон осминафинале
18.01.2015 13:11
Добивме силна доза на самодоверба и цврста база за исчекор кон целта, но и лекција дека на ваквите турнири секој противник заслужува почит.

Од супериорна игра и победа над Тунис преку минимален и неубедлив триумф над аутсајдерот Иран, македонската ракометна селекција стигна на првото место во групата на СП ВО Катар. Добивме силна доза на самодоверба и цврста база за исчекор кон целта но и лекција дека на ваквите турнири секој противник заслужува почит.
Ивица Обрван остана на своето во поглед на ротацијата а во функција на свежината на сите адути во тимот, но резервната постава само добро почна. Првотимците потоа мораа еден по еден да го откажат мотивираниот ривал од подвиг. Резултатот е сепак во преден план а позитивен е како и впечатокот по 120 мундијалски минути.
„Блиску сме до осминафинале, одиме натпревар по натпревар. На двата претходни го исполнивме планот со едно убедливо издание против Тунис и во еден натпревар чисто за победа против аустсајдерот Иран во кој шанса добија резервистите а ги сочувавме од максимални напори првотимците. Имаме еден ден одмор да се подготвиме максимално за значајниот меч со БИХ во кој мора да го повториме нивото на игра од стартот против Тунис“, го коментираше за МТВ досегашниот учинок на неговите избраници, селекторот Ивица Обрван.
Посакуваме од се срце да ни се повтори Тунис а Иран да остане само нумеричка позитива. Ранетата и дебитантски кршлива БИХ е во мислите во наредните 24 часа. Период во кој треба да се акумулира доволно енергија и мудра стратегија за нова успешна катарска приказна.
„Се работи за еден квалитетен и сериозен противник, ќе мора да влеземе многу посилно во битка со нив за разлика од мечот со Иран. Денот за одмор ќе го искористиме максимално за да се освежиме и подготвени да го пречекаме понеделничкиот двобој со Босанците. Се надевам и посакувам да победиме“, беше расположен Владо Недановски кој одигра одличен натпревар и ги постигна своите четири дебитантски голови во репрезентативниот дрес.
Првиот мундијалски хет трик би бил вистински осминафинален зачин за сочувување на триумфалниот вкус што подолго на турнирот.
