Културните манифестации го подобруваат економскиот развој

18.01.2015 13:44

Различните манифестации на Југоитокот, од Струмичкиот карневал, Струмица опен фест, ликовната колонија, фестивалот на камерен театар Ристо Шишков, до Празијадата во Василево, Костенијадата и другите проекти се инвестиции кои се враќаат многукратно, велат социолозите...

Културните манифестации освен што ја развиваат културната свест кај граѓаните влијаат и врз економскиот развој. Експертите гласно зборуваат за културализација на економијата како феномен во кој овие две области комплементарно се надоврзуваат.

Различните манифестации на Југоитокот, од Струмичкиот карневал, Струмица опен фест, ликовната колонија, фестивалот на камерен театар Ристо Шишков, до Празијадата во Василево, Костенијадата и другите проекти се инвестиции кои се враќаат многукратно, велат социолозите.

„Сите овие манифестации, што ги произведува културната индустрија, носат развој на економски план. Отвораат нови работни места, го зголемуваат буџетот на самиот регион“, вели проф. Борка Дончева- социолог.

Дончева вели дека сепак, културната свест во Македонија не е доволно развиена, особено во регионите каде што неретко на одредени културни манифестации салите се полупразни.

„На пример во високо развиените културни општества луѓето купуваат скапи карти за да посетуваат концерти на сериозна музика, додека кај нас, еве во Струмица, кога доаѓаат такви ансамбли посетеноста не е на завидно ниво“, вели проф. Дончева.

Според, статистиката, масовните културно- забавни манифестации како што се Струмичкиот карневал или Струмица опен фестивалот носат околу 100 илјади гости во регионот.

Ако секој од нив за сместување и исхрана потроши по 40 евра,  во локалната економија се слеваат 4 милиони евра. Тоа е добар финансиски стимуланс за реализирање на идни проекти во таа културно -економска спирала.

 

Катерина Давчева