Белгија со зајакнати антитерористички мерки

18.01.2015 16:26

Белгиските власти проценуваат дека станува збор за близу 400 лица од кои стотина се веќе вратени во оваа држава благодарејќи на нивните европски патни исправи. Токму затоа, една од мерките на заштита која произлегува од интернационалниот министерски состанок е и одземање на патните исправи на сомнителните лица...

Белгија се смета за најголем извозник на џихадисти од Европа кои војуваат на фронтовите во Сирија и Ирак. Белгиските власти проценуваат дека станува збор за близу 400 лица од кои стотина се веќе вратени во оваа држава благодарејќи на нивните европски патни исправи. Токму затоа, една од мерките на заштита која произлегува од интернационалниот министерски состанок е и одземање на патните исправи на сомнителните лица.

„Ќе се одземаат пасошите на луѓе за кои постои сомневање дека претставуваат закана за јавната безбедност. Значи, луѓе за кои се сомневаме дека се терористи. Но, уште еднаш да потенцирам ова не е предлог ниту одука на Комисијата, за да можам истото да го дефинирам“, вели Наташа Бертауд.

Која е причината овие млади луѓе да пристапат кон ваквите милитантни групи, за МТВ објасни долгогодишниот истражувач на оваа проблематика.

„Некои исламски екстремисти се борат за режимот на калифатот на среден исток, некои пак се многу млади, бараат авантура, додека пак некои премногу млади, се изгубени, а исламистичките организации им овозможуваат чувство на заедништво... на семејство“, вели Метју Далтон –аналитичар во „Волстрит џурнал“.

Инаку во зачувување на јавната безбедност Белгија вчера ја вклучи и војската, при тоа подигнувајаќи го нивото на безбедност од 3 на 4 ниво. 150 војници распоредени на клучните државни институции ќе ги придружуваат полициските сили.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ