Ако ве нема на интернет, не постоите: Низа институции со неажурирани интернет страници
Низа владини агенции, совети и органи имаат веб страници колку да се рече. На некои последната информација им е со лански датум. Прашавме зошто е важно на овој начин да се комуницира со јавноста. Експерти се децидни, ако ве нема на интернет значи дека не постоите...

Државни агенции, дирекции, заводи со месеци не ги ажурираат податоците на нивните веб страници. Во ера на дигитално општество, кога информациите од јавен карактер треба да се транспарентни, освен цитати на законски прописи и правилници, на официјалните страници од многу институции нема да најдете ништо повеќе.
Како пример ќе го земеме Геолошкиот завод на Македонија. Последен пат е направена измена на 27 август минатата година кога на веб страницата е објавен конкурс за вработување. Тука се поставува прашањето, дали во меѓувреме оваа институција ништо не работела или едноставно нема администратор кој ќе ги ажурира податоците од нивните активности.
Во државава има многу други, помалку познати, институции кои имаат веб страници колку да се рече дека ги имаат. Речиси мртви се веб страниците на Дирекцијата за радијациона сигурност и на Агенцијата за иселеништво, а веб страницата на Националната агенција за Нуклеарни технологии воопшто не се отвора. Зошто е важно институциите да комуницираат со јавноста на ваков начин?
Одамна е дојдено времето во кое ако ве нема на интернет е исто како да не постоите. Токму ова е и проблем за голем број на владини тела, инспекторати и совети. Немаат страници на Интернет, па оттаму граѓаните не ни слушнале за нив.
Анита Димитријевска
