Хаити- пет години по земјотресот

18.01.2015 17:30

Сиромашната островска држава додека беше во центарот на светското внимание добиваше помош. Последните години станува заборавена приказна како и многу други...

Жерар Малор е 72 годишен човек кој го преживеа земјотресот што го потресе Хаити пред пет години. Сега живее во Мајами со неговиот син. За прв пат се врати во Порт- о – Пренс, местото што го смени неговиот живот засекогаш.

Освен сопругата ја загуби и ќерката. Се присетува дека сопругата им била мајка на сите. Им давала храна на соседите. Ќерка му Лиса имала само 22 години.

Добро е што двете си заминаа заедно, мојата сопруга немаше да преживее во спротивно, вели јунакот на оваа приказна.

При оваа посета на Хаити тој го сретна и човекот што  го спасил од под урнатините.

„Тука ќе требаше да ме погребаат. Ова е местото на кое се изгради паркинг простор, а пред 5 години тука беше мојот дом. Преживеавме само јас и мојот син.
Животот за мене повеќе нема исто значење. Ги сакам сите луѓе, не правам разлика помеѓу нив. Сфатив колку сме сите кревки“, раскажува низ солзи Жерар.

Во Катастрофалниот земјотрес од 7 степени според Рихтер што го погоди Хаити во јануари 2010-та година, загинаа околу 230 илјади луѓе. Сиромашната островска држава додека беше во центарот на светското внимание добиваше помош. Последните години станува заборавена приказна како и многу други.

 

Александра Перевска