Нов ден, нови мундијалски приказни во Катар

Македонија уште денеска може да осигура осминафинале

19.01.2015 09:15

Петтиот ден во Доха носи можност четири, а можеби и пет репрезентации, со евентуална победа и во нивните трети настапи, математички да обезбедат осминафинале...

Македонија–Босна и Херцеговина, од 17 часот. Тоа ќе биде  најпривлечниот натпревар од целата понеделничка понуда на ракометниот Мундијал во Катар. За нас, тоа се подразбира, но значењето на дуелот ќе биде такво што кон арената  во Духаил ќе биде насочено и вниманието на неутралните следбеници на шампионатот, па и на оние чиишто репрезентации денеска ќе одмораат. 

Петтиот ден во Доха носи можност четири, а можеби и пет репрезентации, со евентуална победа и во нивните трети настапи, математички да обезбедат осминафинале. Тоа се Македонија, Хрватска, Шпанија и Словенија или Катар. Контурите на првата нокаут-фаза веќе се наѕира, но по денешните натпревари ќе биде уште појасно кој со сигурност ќе рефлектира на место во топ 16, а кој ќе размислува за брзо враќање дома.

Македонија секако не е меѓу овие вторите. Напротив, ние гледаме многу подалеку, а плановите ќе имаат и уште посветли перспективи ако денеска Босна биде третата жртва на нашиот мундијалски поход низ катарската пустина, преку конкуренцијата „Б“. Полн погодок за Македонија ќе биде дефинитивна потврда на осминафиналето, но и многу реална можност нашиот тим да прогресира понатаму од уште поповолна позиција.  Нема да биде лесно поради императивот пред којшто се наоѓаат Босанците по нивниот завчерашен пораз од Австрија. Со него тие го загубија чекорот во трката за највисоките места и сега ќе бараат во пресметка со нас да ги продолжат соништата барем за осминафинале во нивното деби на светските првенства. Во преостанатите два меча од групата, директно ќе се судрат Австрија и тунис, коишто ги очекува жестоко соочување со влог нокаут-фаза. Победа и пораз досега имаа австријците, но оставија солиден впечаток, за разлика од африканците коишто се разочараа најмногу себеси со тоа што се уште се на нула, еднаш беа демолирани од македонија, а потоа се жилавеа со Хрватска, но без конечен ефект. Иако се мачеа во првите две средби, „Коцкестите“ се во иста ситуација како нас, но нивната задача денеска ќе биде најлесно, со оглед дека наспроти нив ќе застане Иран.

Во групата „А“, светскиот првак Шпанија е и повеќе од апсолутен фаворит против Чиле. Нема сила којашто може да ја доведе во прашање нејзината трета победа, особено што „фуријата“ досега и не одушеви премногу. Посебно одеше по амбисот на двобојот со Бразил, којшто го доби на рутина, но факт е дека го искористи правото на лош ден и тоа е лоша вест за нејзините наредни ривали. Спротивно, двата неуспеха досега ја оддалечија Белорусија од амбициите да ја мине групата којашто во следниот круг вкрстува со онаа на Македонија. Нема веќе право на кикс, Бразил денеска и е шанса за поправен којашто не смее да ја пропушти за да не си оди дома. И во последниот меч, Словенија ќе се испречи пред Катар, што ќе биде јасен сигнал за реалните можности на селекцијата-домаќин, по нејзините две стартни победи. Двапати се радуваа и Словенците, нивното ракометно педигре е неспоредливо поголемо во споредба со катарското, така што мечот може да покаже и колкав ветар во грб би имал домаќинот во натпреварите коишто ќе следуваат понатаму.

Тоа е денешната понуда од Мундијалот во Катар, а на Македонската телевизија – од 17 часот е директниот пренос од натпреварот Македонија-БиХ. Половина час порано е и специјалната студиска емисија Катар 2015.