По второто коло од групната фаза на ракометниот Мундијал во Катар

Лазаров втор стрелец, Миркуловски втор асистент

19.01.2015 09:18

Со 19 постигнати гола по првите два меча од групната фаза, тој има еднаков ефект со Хрватот Иван Чупиќ. Лидерот на Македонија досега на Мундијалот упати вкупно вкупно 31 удар кон противничкиот гол...

Нашиот ракометен капитен Кирил Лазаров е на делба на второто место на листата на најдобри стрелци по четири натпреварувачки дена на СП во Катар. Со 19 постигнати гола по првите два меча од групната фаза, тој има еднаков ефект со Хрватот Иван Чупиќ. Лидерот на Македонија досега на Мундијалот упати вкупно вкупно 31 удар кон противничкиот гол (во мечевите со Тунис и со Иран), што подразбира реализација од 61,29%. Погоди 11 од 13 изведени седмерци. Чупиќ е со процентуално подобар биланс, бидејќи 19-те гола ги даде од 23 шута, а нема ниту едно промашување од линијата за седум метри (9/9). Сепак, и обајцата се зад првиот стрелец досега, Словенецот Драган Гајиќ, којшто во дуелите со Белорусија и со Чиле запиша вкупно 24 погодоци.

Во официјалните статистички категории на Мундијалот досега високо котира и Филип Миркуловски, којшто е втор асистент со 11 додавања за гол. Поефективен од него е само Исланѓанецот Арон Палмарсон со 12 асистенции. Интересно, во нашиот тим во овој сегмент втор асистент е Никола Марковски со 6, додека по пет успешни додавања имаат Кирил Лазаров, Наумче Мојсовски и Стојанче Стоилов.

На севкупниот преглед на поединечната статистика на бројот на голови и асистенции заедно, лидер на целиот шампионат е Кирил Лазаров со 19 гола и 5 асистенции. Гајиќ има 24 гола, но ниту една асистенција. Со 7 гола и со 11 асистенции, Миркуловски е 14-ти на ова рангирање.