Православните верници го слават Богојавление-Водици

19.01.2015 08:45

Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа...

Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление - Водици, кој се празнува уште од вториот век. Празникот е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.
 
Празникот се нарекува уште и Водици заради големиот водосвет што го извршува Црквата на овој ден. Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.
 
Годинава, најголема масовност се очекува во Скопје и во Охрид.
 
Околу 120 граѓани ќе се обидат да го фатат светиот крст во водите на Вардар што точно напладне од мостот кај хотелот Холидеј Ин ќе го фрли архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
 
Директениот пренос од целата церемонија започнува во 11:45 на првиот програмски сервис на МРТ. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат тимови за прва помош, чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алхокол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.
 
Во Охрид манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10:15 часот.