Домашната економија во фокус на традиционалното обраќање на Обама

19.01.2015 09:56

Американскиот претседател Барак Обама во традиционалното годишно обраќање во Конгресот за состојбата на Унијата, ќе се фокусира на домашната економска ситуација, подобрување на стандардот на средната класа и младите Американци...

Во 6-то обраќање за состојбата на Унијата, американскиот претседател повторно ќе се заложи за подобрување на животниот стандард на средната класа Американци. Обама ќе побара од Конгресот да одобри намалување на даноците за семејствата со двајца вработени и детски додаток за деца до 5-годишна возраст. Ова секако ќе значи зголемување на даноците за најбогатите Американци. Шефот на американската држава ќе побара вработените во федералните агенции да имаа три месеци породилно отсуство и една недела платено боледување.

„Напредокот на Америка е реалност. Сега наша работа е да овозможиме секој Американец да почувствува дека е дел од прогресот на нашата земја. За ова ќе се фокусирам во обраќањето за состојбата на Унијата, како да градиме на овој напредок со зголемување на надниците, поголема заработувачка и посилна средна класа“, изјави амерканскиот претседател, Барак Обама.

Минатата година беа отворени рекорден број на нови работни места и се намали невработеноста на околу 5 проценти, но сепак американскиот претседател смета дека економијата може уште повеќе да се подобри. Дознавајќи дека во Америка многу малку градови имаат широкопојасен интернет, Обама во обраќањето за состојбата на Унијата ќе побара ова најитно да се смени.

„Секоја заедница ќе може да добие инвестиции што им се потребни со побрз широкопојасен интернет, за подобра конкурентност, да им се даде на потрошувачите повеќе избор. Како последица на ова, се надевам дека тие ќе можат да привлечат бизниси, студентите да имаат орудие на дофат и да се овозможи пристап кон интернет во самите заедници“, нагласи Обама.

Безбедноста на државата и борбата против тероризмот со Америка како лидер на антитерористичката коалиција во светот ќе бидат можеби единствените барања на американскиот претседател што ќе наидат на одобрување меѓу Републиканците коишто го имаат мнозинството во Конгресот и во Сенатот. Обраќањето за состојбата на Унијата оваа година се оценува дека ќе биде најинтензивно обраќање на американскиот претседател, па тој лично ги повика Американците да го проследат во вторник навечер.

Мината година обраќањето на американскиот претседател за состојбата на Унијата го проследиле 33 милиони Американци.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ