Резолуцијата за Македонија на Вајгл пред европратениците

19.01.2015 10:21

Попладнево се очекува жестока дебата во рамки на Комитетот за надворешни работи на ЕП...

Пратениците на Европскиот парламент во рамки на Комитетот за надорешни работи (АФЕТ), попладнево по првпат ќе расправаат за предлог-резолуцијата за Република Македонија во однос на последниот прогрес-извештај на Европската комисија. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, новиот известувач за Македонија, Словенецот Иво Вајгл, во неговото прво дело пред АФЕТ се очекува да претстави балансирана предлог-резолуција што ќе содржи поддршка на Европарламентот на шестата последователна препорака на Комисијата за отворање на пристапните преговори за нашата земја за членство во Европската унија.
 
За разлика од претходниот известувач Ричард Ховит, словенечкиот европратеник Вајгл се очекува во предлог-резолуцијата, што и самиот го најави при последната посета на Скопје, повеќепати и за суштински поводи (народ, јазик, нација, држава) да ја користи придавката македонски. Токму затоа, попладнево се очекува жестока дебата во рамки на Комитетот за надворешни работи на ЕП, каде грчките европратеници и ултра-националистот од партијата на Красимир Каракачанов од Бугарија, Ангел Џамбаски, се очекува да имаат многу замерки и амандмани.