Почна манифестацијата „Велес - Град на културата за 2015“

19.01.2015 10:28

Преполната сала е само потврда дека градот- лулка на македонската култура е жеден за вакви манифестации...

Во ноќта спроти Водици започна велешката културна приказна што низ 67 проекти преточени во повеќе од 200 настани на велешани ќе им понуди поинакво културно доживување, како дел од националниот проект „Град на култура“.

„Во оваа 2015-та година ќе ѕирнеме подлабоко во неговата ризница, во сите седум археолошки локалитети, во старите фрески што се открија на ѕидовите на манастирската црква Свети Димитрија, во пештерите во Пешти. Ќе откриеме уште многу вистини, ќе создадеме многу вредности“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Македонската култура се ткаеле низ вековите, а браќата Манаки имаат значајно место во развојот на филмската историја. Затоа нивниот филмски опус е дел од првата манифестација.

„Проектот на дигитализација и дигитална реставрација на филмскиот опус на браќата Манаки е дел од долгорочниот проект на Владата на РМ и Министерството за култура за дигитализација на филмското наследство“, изјави Мими Ѓоргоска Илиевска, директор на Кинотека на Македонија.

Преполната сала е само потврда дека градот- лулка на македонската култура е жеден за вакви манифестации.

„Да има повеќе манифестации вака, да може културата да биде повеќе искажана.“

„Да има повеќе театарски престави и очекувам филхармонија.“

„Очекуваме во театарот и балет“, велат велешани.

По три дена љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во нов културен настан.

 

Дијана Иванова