СП Катар 2015

Босански новинари: „Имате тим за медал!!!“

19.01.2015 10:36

Македонија оствари две победи, одигра импресивно против Тунис и рутински го доби Иран, иако се помачи повеќе од очекуваното. Босанците исто така славеа против Иранците потешко од очекувањата, со пресврт во второто полувреме...

Петтиот натпреварувачки ден на Светското првенство во Катар содржи уште еден силен предизвик за македонските ракометари. Босна и Херцеговина го загуби дуелот со Австрија и се наоѓа пред силен императив, но без оглед што нашата позиција засега е подобра, и нам победата ни е еднакво важна за да ги реализираме првичните амбиции во групната фаза.

Македонија оствари две победи, одигра импресивно против Тунис и рутински го доби Иран, иако се помачи повеќе од очекуваното. Босанците исто така славеа против Иранците потешко од очекувањата, со пресврт во второто полувреме. Од тој аспект, споредбите би оделе на страна на црвено-жолитиот табор. Новинарските екипи од БиХ коишто известуваат од Доха не се премногу оптимисти пред денешното соочување со Македонија во „Али Бин Хамад Ал Атијах“ арената (пренос МТВ1, 17.00, мундијалска емисија 16.30).

„Ако ја поправите одбраната барем малку, имате тим за медал. Верувајте ми, ракомет гледам 40 години“, ни рече еден повозрасен колега од Босна и Херцеговина. „Ние не сме на ниво, а вие ги имате Кире, Мојсо, Мируловски“, се согласија уште неколкумина.

Значи ли ова дека Босанците создаваат атмосфера без притисок за своите ракометари останува отворено прашање. Но и нашиот, а и нивниот меч со Иран покажа дека на мундијал веќе нема лесно и однапред добиено. Затоа секогаш треба максимално и посветено. Особено денеска, со оглед дека со два бода Македонија не само што сигурно ќе го обезбеди осминафинаето, туку може да се издвои во трката за првите две позиции. Хрватите важат за апсолутни фаворити против Иран и многу веројатно ќе имаат шест бода по третото коло, а со таков биланс би била и Македонија со успех против БиХ. Во тој случај ние ќе навиваме за Тунис против Австрија затоа што по евентуален таков расплет би имале четири бода предност пред ривалите за второто место. Тоа ќе значи дека во последното коло против Австријците би ни одговарало и реми доколку ние загубиме од Хрватска в среда, а Австрија очекувано го совлада Иран.

Но тоа се математики и комбинации. Решава теренот, а кој знае, можеби Македонија ќе успее и против Храватите!?