Над 10 илјади верници во Охрид за Богојавление- Водици
Во Охрид на спектакуларен начин беше одбележан големиот христијански празник Богојавление- Водици. Традицијата која се повторува повеќе од две илјади години на брегот од Охридското Езеро ја проследија над десет илјади верници...

Охриѓани уште еднаш на уникатен начин го одбележаа верскиот празник Богојавление-Водици. На спектакуларниот Богојавленски Водосвет и покрај дождот присуствуваа илјадници верници од земјата и странство, а по светиот крст запливаа околу илјада млади лица, меѓу кои седумдесеттина од Србија, Бугарија, Украина и Чешка. Највешт и најсреќен беше 33-годишниот Цветан Мицкоски од охридската населба Далјан.
„Тоа ми беше најголемата желба во животот. Уште како дете од четири години скокам и после повеќе од дваесет години крстот ми дојде кај нозете во целата таа гужва. Пресреќен сум“, изјави Мицкоски.
Кумовите на манифестацијата најсреќниот охриѓанец го даруваа со сребрен крст со позлата, кој е реплика на крстот што се фрла во езерото.
„Јас сум многу побогат човек бидејќи овде стекнав многу пријатели. Мојата сопруга, татко ми и пријателите со кои дојдов се воодушевени од љубезноста на домаќините, уште повеќе поради тоа што овде сум дојден како пријател на Охрид и Македонија, а не за да одржам концерт. Тоа повеќекратно се враќа и бог го гледа тоа“, изјави Жељко Јоксимовиќ, кум на Водици во Охрид.
„Господ на сите да им даде здравје,мир,среќа и бериќет“, додаде Зоран Милески, кум на Водици во Охрид.
На фрлањето на светиот крст меѓу другите присуствуваа Претседателот на македонскиот парламент, Трајко Велјановски, министерот за одбрана, Зоран Јолевски и претставници на дипломатскиот кор.
По верскиот церемонијал манифестацијата се претвори во општа веселба, при што илјадниците верници уживаа во староградската песна, топлата ракија, виното и рибните специјалитети.
Сашо Нелоски
