ЕУ: Интензивна борба против исламскиот радикализам

19.01.2015 16:30

Посебен акцент е ставен на радикалните европјани кои се борат на фронтовите во Сирија и Ирак, и неопходноста за поинтензивна соработка меѓу државите...

Терористичка закана во Европа беше тема на денешниот состанок на 28 министри за надворешни работи на Европската Унија. Посебен акцент е ставен на радикалните европјани кои се борат на фронтовите во Сирија и Ирак, и неопходноста за поинтензивна соработка меѓу државите.

„Треба да ја засилиме нашата соработка пред сѐ како држави, но и со соработка меѓу министрите за внатрешни и надворешни рабти, треба да разговараме, да размениме повеќе информации, да соработуваме“, изјави Федерика Могерини, висок претсавник за надворешна политика и безбедност на Европската Комисија.

Во фокусот на разговорите беа и последните случувања во Украина, министрите се обидоа да ги надминат длабоки поделби меѓу владите на ЕУ, околу тоа како да се справат со акциите на Русија во Украина.

„Не мислам дека ќе стане збор за промена на досегашната политика, санкциите нема да бидат повлечени, нема причина за тоа. Би сакале да видиме политичка волја од Русија да промени нешто, бидејќи дури и досегашното примирје беше искористено за да се снабдат со оружје сепаратистите и терористите“, смета Линас Линкевичиус, министер за надворешни работи на Летонија.

Сепак на денешниот министерски состанок не се донесени конкретни одлуки, туку само се разгледани повеќе опции, и истиот преставува подготовка за лидерскиот самит закажан за на 12-ти февруари.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ