Ракометниот Мундијал во Катар ги доби првите осминафиналисти

Македонија во топ 16

19.01.2015 21:45

Македонија во друштво на Шпанија, Хрватска и на најпријатното изненадување Катар. Тоа е се четирите репрезентации коишто станаа осминафиналисти на ракометниот Мундијал во Катар по третото коло од групната фаза во групите „А“ и „Б“. Планот е остварен уште при првата можност, целта е остварена и сега преостанува мисијата да продолжи по уште понагорна линија.

По победата од 25-22 над Босна и Херцеговина, нашиот национален тим ќе се бори и за висок пласман во групата и за полесен ривал во 1/8-финалето. Хрватите се исто така максимални во нашата група „А“ и нејзини лидери само поради убедливиот успех над Иран од 41-22, којшто ги вивна на првото место. Вистинска драма донесе директниот двобој за третата позиција, во којшто Тунис ја бараше сламката за спас и првиот триумф на првенството. Имаше последен напад, но не успеа да се избори за повеќе од нерешено 25-25, по што заостанува зад Австријците и зад Босанците во борбата за нокаут-фазата. Освен што ние и „коцкестите“ сме сигурни во топ 16, голема ќе биде битката за третото и четвртото место. Австрија е засега трета, Босна четврта, но распоредот до крајот ветува голема неизвесност.

Во  групата „Б“, разбирливо, Шпанија не можеше да запре пред аутсајдерот Чиле.  Светскиот првак убедливо победи со 37-16 за максимални шест бода, што не може да биде изненадување. Но затоа, дека со максимални три триумфи по првите три кола осминафиналист ќе стане и Катар, веројатно не можеа да прогнозираат многумина. Селекцијата-домаќин ја надигра досега засилената Словенија, славеше со 31-29 и се испречи пред неа на поредокот. Чекорот што го загубија, Словенците ќе мора да го надополнуваат до крајот, но тоа и нема да им биде баш лесно, бидејќи во последното коло ја имаат Шпанија, а пред тоа и опасниот Бразил. „Кариоките“ ја отпишаа Белорусија, радувајќи се со 34-29 и како четврти во моментов се блиску до прогрес, бидејќи освен дуел со Словенија ги очекува и Чиле. Најнепријатно засега изненадуваат Белорусите, коишто наредија четири нули, а освен зицер-мечот со Чиле ќе треба да играат и со Катар, што додатно им ја отежнува задачата.