Прибак: Голем тим сме штом победуваме кога не играме најдобро
Немања Прибак ги заслужи честитките од соиграчите и уште повеќе ги собра симпатиите од нашата ракометна јавност...

Со двете одлични изданија во натпреварите против Иран и против Босна и Херцеговина, Немања Прибак ги заслужи честитките од соиграчите и уште повеќе ги собра симпатиите од нашата ракометна јавност, иако дел од неа со сомнеж гледаше на него кога пред една година доби македонски пасош.
„Чувствуваме дека сме голем тим и понекогаш можеме да победиме и кога не играме најдобро. Против Босна имавме добри моменти и во одбраната и во нападот, но најважно е што победивме добар и конкурентен противник“, вели средниот бек на Вардар.
„Во вакви дуели секој гол е важен, но среќен сум што го постигнав погодокот со којшто го обезбедивме нашиот триумф“, рече Прибак за неговиот последен и решавачки гол на синоќешниот натпревар.
„Ни претстои дуел со Хрватска, една од најдобрите селекции во светот. Убеден сум дека Хрватите ќе стигнат до завршната фаза, дури можеби и до финалето. Фаворити се, но нема лесно да им се предадеме“, најавува Немања Прибак.
