СП Катар од поинаков агол

Стојанче урочува, Борко поправа!

20.01.2015 12:01

„Ме урочи Стојанче!“, во смеа заклучи Лазаров во микс зоната по средбата со БиХ, алудирајќи на изјавата на Стоилов од пред неколку дена дадена за странските медиуми за да одекне силно во целиот ракометен свет...

Трите победи на македонската репрезентација значат исполнување на првичната цел на Светското првенство во Катар. Изданијата беа различни, блесок против Тунис, рутина со Иран и тешка победа во драматична завршница против Босна и Херцеговина. Имаше и поединечни играчки варијабили, а најмногу радува тоа што нашиот национален состав го скрши силниот отпор на Босанците во натпревар во којшто капитенот Кире Лазаров даде само три гола, сите од пенал.

„Ме урочи Стојанче!“, во смеа заклучи Лазаров во микс зоната по средбата со БиХ, алудирајќи на изјавата на Стоилов од пред неколку дена дадена за странските медиуми за да одекне силно во целиот ракометен свет.

„Кире е убиец којшто може да погоди од секоја позиција, против секој ривал, во секое време“, рече тогаш Стоилов. Сите што гледаат ракомет, и помалку и повеќе упатени знаат дека македонскиот пикер е во право. Но се случува и тоа, на најдобриот некогаш да му тргне. А фактот што Македонија победи со скромниот придонес на Кире, посочува дека имаме играчки компактен, а духовно сплотен тим за да може сигурно да гази долго на Мундијалот.

„Кире ми беше нервозен уште кога стана. Знаев дека нешто нема да биде во ред, ама не се грижете ќе работам на тоа да се поправи“, се пошегува голманот Борко Ристивски кој долги години ја дели собата со капитенот. А на прашањето дали му се случило да има повеќе интервенции отколку Кире голови, Борко продолжи да зборува низ смеа: „Секогаш!!!“.

Добро е, Македонија победува, ракометарите се расположени, Катар не е Хрватска или Србија, па овде има помалу навивачи, но амбиентот е ист. Посакуваме резултатот да биде поинаков, подобар.    

  

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ