Македонија со највисок раст во регионот
Јавните инвестиции, производството и извозот од слободните економски зони го билдаат економскиот раст на земјава. Македонија годинава со највисок раст на БДП, споредено со другите земји од ЈИЕ, прогнозира Светска банка во својот последен извештај. Препорака е да има порамномерна распределба за што е можно поголем број граѓани да го почувствуваат растот, кој годинава би се движел околу 3,5 проценти...

Компаниите извознички од слободните економски зони и јавните инвестиции и годинава ќе бидат главни двигатели на економијата. Светска банка во својот последен извештај, со кој се опфатени шест земји од ЈИЕ, прогнозира дека Македонија ќе има највисок раст на БДП во регионот од 3,5%.
„Сметаме дека во 2015-та ќе забрза економскиот раст. Извозот од странските компании ќе се зголемува, а заздравуваат и традиционалните извозни сектори. Јавните инвестиции ќе останат двигател на растот, а добар знак е што заздравува и домашната побарувачка“, изјави Доерте Доемланд, економист на Светска банка.
Според Светска банка, Македонија искористила поволен момент да издаде еврообврзница, со која ќе се враќаат старите долгови. Нивото на јавен долг е под регионалниот просек, но треба да се внимава, да се инвестира онаму каде што има високи економски придобивки. Дополнително, економистите на Банката укажуваат на потребата од позасилена соработка меѓу странските и домашните фирми, како и од порамномерна распределба на приходите.
„Кога погледнете како се движи стапката на невработеност, ќе видите дека Македонија подобро напредува од другите земји. Сметаме дека е важно Македонија да продолжи да го зајакнува растот, а од друга страна, придобивките од растот порамномерно да бидат распределни меѓу различни сегменти од населението“, нагласи Доемланд.
Според економистите на Светска банка, падот на цената на нафтата позитивно ќе влијае на македонската економија, бидејќи ќе се намалат трошоците на компаниите. Кај приходите од акцизи не очекуваат позначителен притисок. Банката повторно организираше линковска врска со сите земји, опфатени со извештајот, низ која беа претставени резултатите од 2014-та и перспективите за 2015-та.
„Македонија и Албанија во 2014-та имаа повисоки стапки на раст во однос на 2013-та година. Растот во Косово и во Црна Гора е умерен, а како резултат на поплавите забавија економиите на Србија и на БиХ“ , изјави Галина Винсенте, автор на Извештајот на Светска банка.
Песимистичките прогнози за Србија и за Босна и Херцеговина се резултат на претрпените штети од поплавите, кои во БиХ достигнале 15% од БДП. За целиот регион годинава се прогнозира просечен економски раст од 1,3%.
Мартин Пушевски
