Промовирана „Белата книга“ на Советот на стрнски инвеститори
„Белата книга“ е добра можност да се види како компаниите со странски капитал во земјава ја перцепираат бизнис климата во државата, со какви предизвици се соочуваат при водење бизнис...

Промовирано прво печатено издание на „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори. „Белата книга“ е добра можност да се види како компаниите со странски капитал во земјава ја перцепираат бизнис климата во државата, со какви предизвици се соочуваат при водење бизнис и кои се нивните препораки за доближување до најдобрите светски практики и принципи на работење во земјите од каде што и самите доаѓаат.
Минатата и претходните години е сторено многу на економски план. Сепак, останува да се поработи на петте клучни предизвици – поголема предвидливост на генералните цели на државата на економски план во однос на деловното опкружување, поефикасна администрација, помал потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем со цел обезбедување што повеќе соодветен стручен кадар, истакна претседателот на Советот Хуан Педро Наваро.
Тој ја охрабри Владата да продолжи со привлекување странски инвеститори зашто тоа е една, како што нагласи, од нејзините најуспешни политики.
Поздравувајќи го изготвувањето на „Белата книга“, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски нагласи дека со ова само се потврдува одличната соработка меѓу власта и бизнисот.
Книгата е основа за натамошен развој на економската политика, но воедно и ќе им олесни одлуката на странските компании да дојдат во Македонија согледувајќи ги искуствата на своите колеги, истакна Пешевски.
