Стабилноста на Македонија и Албанија клучна за стабилноста на регионот

20.01.2015 15:21

Во обраќањето во македонското собрание Мета нагласи дека во Скопје е дојден за да ја искаже јасната порака на искреното пријателство и да потврди дека Албанија, како сосед и како земја членка на НАТО, целосно и безрезервно ја поддржува Македонија на нејзиниот евроатлантски пат...

Македонско- албанските односи се клучни за регионот и сите имаме одговорност и задача за нивно унапредување, рече претседателот на албанскиот парламент Илир Мета, по средбата со неговиот домаќин Трајко Вељаноски. Двајцата констатираа дека се подготвени за заедничко споделување искуства на патот кон евроатлантското интегрирање. Спикерот на албанскиот парламент уверува дека тие ги почитуваат малцинските права. Пустец, кадешто живеат Македонци, останува општина.

„Ве уверувам дека Албанија секогаш била отворена и водела сметка за правата на малцинствата во Албанија,во насока на поддршка и чување на нивните најдобри традиции како јазикот и културата,за создавање на подобри услови за нивно успешно интегрирање“, изјави претседателот на Собранието на Република Албанија, Илие Мета.

Вељаноски ја поздрави одлуката за враќање на албанската опозиција во парламентот, искажувајќи надеж дека и македонската опозиција ќе го следи примерот. Според него, охридскиот договор отвора можности за развој на етничките заедници.

„Охридскиот договор и неговата имплементација, обезбедуваат доследно почитување и развивање на индивидуалните и колективните права на етничките заедници,но не задира во унитарниот карактер на државата.Истовремено како држава,очекуваме и нашите соседи доследно да ги почитуваат индивидуалните и колективните малцински права на своите граѓани,вклучувајќи ги и Македонците што живеат во нив“, изјави претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.     

Во обраќањето во македонското собрание Мета нагласи дека во Скопје е дојден за да ја искаже јасната порака на искреното пријателство и да потврди дека Албанија, како сосед и како земја членка на НАТО, целосно и безрезервно ја поддржува Македонија на нејзиниот евроатлантски пат.

„Ние не веруваме во менување на границите на Балканот, туку во нивното целосно исчезнување, така како што направи Европската унија, дестинацијата каде што сакаме да бидеме заедно, и модел на стандардот што ние сакаме да го аплицираме тука, во нашиот дом“, нагласи Мета.

Претседателот на албанскиот парламент оствари средба со премиерот Никола Груевски, а беше примен и од Претседателот Ѓорге Иванов.

 

Милчо Велески