Жестоки борби во Доњецк

20.01.2015 15:41

Продолжува гранатирањето низ целиот град, а украинската војска продолжува да распоредува тенкови и оклопни возила. Oд руското министерство за надворешни работи критика до Европската Унија – не е подготвена да го смени непријателскиот курс поради настаните во Украина...

Во Доњецк не стивнуваат жестоките борби. Насилствата се шират и низ целата Источна Украина. Само во изминатите 24 часа загинале 40 припадници на украинските сили за безбедност. Од страната на бунтовниците загинале петмина. Меѓу загинатите има и голем број цивили.

Продолжува гранатирањето низ целиот град, а украинската војска продолжува да распоредува тенкови и оклопни возила. Oд руското министерство за надворешни работи критика до Европската Унија – не е подготвена да го смени непријателскиот курс поради настаните во Украина.

Брисел вчера порача дека санкциите против Русија ќе бидат ублажени само ако се подобри ситуацијата на истокот на Украина. Руската новинска агенцијата Спутник анализира – ако украинската војска го заземе Доњецкиот аеродром, тоа ќе биде почеток на војна со поголеми размери – ќе си го олесни снабдувањето со оружје и ќе се врати на бомбардирањето со кластерна и фосфорна муниција, што ќе ја приближи војната до руска територија.