Летонија бара засилени реформи, домашните задачи да се завршуваат со консензус!
Домашните задачи може да ги завршите само со консезус – порака од новиот претседавач со Европската Унија. Дипломатите очекуваат евокомесарот Хан да биде дочекан со почнат политички дијалог...

Проширувањето на ЕУ- на маргините на летонските приоритети. Визијата на земјата претседавач е дека Балканот мора да биде дел од Унијата, но не можат ништо да направат сами во следните шест месеци додека се на чело на заедницата. Ова го истакна летонскиот амбасадор во земјава, Алберт Сарканис, кој во немоќ да даде конкретна позитивна вест околу евроатланската интеграција на земјава, упати неколку совети до власта и до опозицијата. Порача дека најважно од сѐ е сами да си ја завршат домашната задача, а тоа, според него, ќе го постигнат единствено со национален консензус.
„Политичарите, се разбира, можат да влегуваат во интерни кавги, но многу е важно да имаат заедничко разбирање на националните интереси меѓу сите делови од граѓанското општество“, изјави Алберт Сарканис, амбасадор на Летонија во Македонија.
Во следниот период се очекуваат бројни посети на европски дипломати во земјава. Една од нив е на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, која е закажана за дваесетти идниот месец. На точно еден месец пред неговото доаѓање, евроамбасадорот во земјава, Аиво Орав има конкретно барање.
„Едно од клучните прашања пред да се организира таа посета е политичкиот дијалог барем да видиме почеток на политичкиот дијалог. Сите клучни заинтересирани страни, политички партии се заинтересирани во тој политички дијалог, заради тоа што опозицијата не е во парламентот, тоа не е ништо посебно, случај беше и со Албанија, меѓутоа таму многу успешно беше решено тоа прашање“, нагласи евроамбасдорот Аиво Орав.
Двајцата европски дипломати, на денешната прес конференција истакнаа дека се свесни оти Македонија е блокирана на евроинтегративниот пат заради проблемот со името и истакнаа дека очекуваат да се вложи повеќе енергија и повеќе идеи, и дека сакаат да го видат на маса граѓанското општсество, историчари и научници од двете земји за побрзо да се надмине проблемот.
Катерина Топалова
