Завршува огласот за проект-менаџери
Квалитетот и способноста, пресудни за влез во Кабинетот на премиерот. 170 кандидати се пријавиле за проект-менаџери. Огласот завршува утре...

Сто и седумдесет кандидати заинтересирани за работа во Кабинетот на премиерот за следење и анализа на реализацијата на владините програми, но, и на поддршка на институциите во спроведувањето проекти. Од Владата велат дека целта не е масовноста туку квалитетот на кандидатите и нивната способност.
„Потребен ни е квалитетен кадар кој што со своите вештини и знаења ќе придонесе кон уште поинтензивна реализација на програмата. Единствен критериум врз основа на кој што ќе се селектираат кандидатите ќе бидат нивните знаења, квалитети и вештини“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Потребен е профил на кадар кој има искуство со работа на проекти и познавање од менаџментот и владината програма. Кандидатите треба да се македонски државјани, да имаат соодветно образование и минимум три години работно искуство од областа на управување со проекти.
Можат да аплицираат со пополнување електронска апликација на веб страницата на владата. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени.
Огласот беше објавен на 9-ти овој месец и завршува утре.
Андријана Атанасовска
