Фила: СПЦ нема да реагира сѐ до ослободувањето на Вранишковски
Причина за ова е недостиг на доверба дека Јован ќе излезе од затвор, смета Тома Фила, советник на патријархот Иринеј, кој овде се смета за најдобар познавач на односите меѓу двете цркви...

За разлика од вчера кога во медиумите немаше ниту најава и рекција за можноста Вранишковски да биде условно ослободен, денеска медиумите ја пренесоа веста дека тој ќе го очекува резултатот од жалбата на Обвинителството.
И СПЦ не излезе со коментар за можноста за неговото ослободување, барањето на МПЦ и неговото останување во затвор. Причина за ова е недостиг на доверба дека Јован ќе излезе од затвор, смета Тома Фила, советник на патријархот Иринеј, кој овде се смета за најдобар познавач на односите меѓу двете цркви.
Тој додава дека во Србија нема да ја поздрават одлуката за неговото ослободување, се додека таа не стане правосилна.
„СПЦ, и ова не е мој став, туку на СПЦ, е дека нема да има реакции во насока за автокефалност на МПЦ се до моментот кога Јован Вранишковски не го напушти Идризово и дојде дома. Тоа е моментот кога можеме да почнеме со разговори“, вели адвокатот Тома Фила.
Фила смета дека двете цркви треба да најдат начин, МПЦ да биде самостојна и независна црква.
„Не постои отсуство на добра желба во Србија тоа да се случи. Прашање е како тоа да се случи и дилемата е што да се прави со Зоран Вранишковски. Тоа се единствените причини зошто до тоа не е дојдено. Не постои отсутство на добра волја во СПЦ сето ова се заврши со самостојност и признавање на автокефалност на МПЦ“, додава Фила.
За СПЦ сепак ослободувањето на Вранишковски е приоритет и предуслов за добрите односи меѓу двете православни цркви.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
