„Бела книга“: Странските инвеститори со сугестии за подобар деловен амбиент

20.01.2015 17:28

Странските инвеститори во земјава ја претставија „Белата книга“. Во неа сугестии за подобар деловен амбиент. Бараат квалификувани работници. Од Владата велат дека дел од препораките се веќе исполнети...

Белата книга е основа за конструктивен дијалог меѓу приватниот сектор и владата чија цел е подобрување на деловната клима, порачаа странските инвеститори. Ја пофалија владата за реализацијата на крупни инфраструктурни проекти, реформите во даночната сфера, но излегоа и со конкретни предлози.

„Може да се каже дека честите промени на законите  се една од основните определби. Ние разбираме дека треба да се постигне хармонизација со законодавството на ЕУ, но сепак тој процес треба да биде попредвидлив и пред да се донесат тие закони треба да се дискутираат со деловната заедница“, изајви Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странски инвеститори.

Се препорачува олеснување на постапката на издавање работни дозволи за странци, пофлексибилно трудово право. Во делот на даноци се бара прецизирање кои услуги се сметаат за консалтинг, управување, истражување и развој. Владата е задоволна од препораките на Советот во кој членуваат 112 странски компании, а дел од нив се веќе реализирани.

„Дел од коментарите и барањата во процесот додека ја изработувале Белата книга  владата веќе ги има реализирано, што говори за брзината со која работиме на подобрување на бизнис климата“, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Инвеститорите ја поддржуваат изградбата на патните коридори, но препорачуваат и модернизација на автопатите кон пристаништата Драч и Бар кои би биле одлична алтернатива на Солун, како и правецот кон Приштина.

 

Свето Николовски