Прославен денот на рибарите во Охрид

20.01.2015 18:17

Традицијата на уникатно одбележување на верскиот празник Свети Јован Крстител во Охрид продолжува. Охриѓани и гостите и овој пат уживаа во уште една атракција на вода, во греаната ракија, виното и два и пол тони рибна чорба...

Неколку десеттици млади верници и денеска запливаа во ладните езерски води по петте буриња со вино, продолжувајќи ја традицијата на своите претци, кои на тој начин ја искажувале приврзаноста кон езерото.

Најсреќен беше Климент Довлев, кој го фати бурето со црвено вино за што беше даруван со реплика на чесниот крст.

„По бурето скокам четири години, се викам Климент Довлев. А инаку се капам од четири години“, изјави Климе Довлев.

И денеска на градското пристаниште се собраа неколку илјади граѓани и гости кои покрај во спектаклот на вода уживаа во вкусот на греаната ракија,виното и два и пол тони рибна чорба.

„Убава е рибната чорба,но уште поубав е амбиентот,со песна и дружење“.

„Многу убаво и вчера со крстот и ова ми е многу убаво“.

Оваа манифестација ми остава многу голем впечаток, како ден е многу убав, здравје, бериќет, господ да помогне, за многу години“, велат анкетираните граѓани.

Традицијата на рибарското капење започнала во минатото кога било забрането фрлањето на чесниот крст.

Поради тоа верниците на празникот Свети Јован Крстител во тајност го фрлале крстот во езерските води.

 

Сашо Нелоски