СП Катар, седми ден

Две дербија, осминафинални решенија

21.01.2015 10:00

Пред нас ќе биде големата Хрватска, според многумина еден од фаворитите на Светското првенство во Катар. Тренерскиот дуел е интересен, Обрван против своите. Нашиот Обрван против сограѓанинот Голужа на клупата на „коцкестите“...

Седмиот мундијалски ден носи две пресметки за првите позиции во групите „А“ и „Бе“. Во нив ќе игра и Македонија, како дел од се помалото друштво на репрезентации со максимален ефект.

Пред нас ќе биде големата Хрватска, според многумина еден од фаворитите на Светското првенство во Катар. Тренерскиот дуел е интересен, Обрван против своите. Нашиот Обрван против сограѓанинот Голужа на клупата на „коцкестите“. Победникот ќе биде прв и ќе има полесен противник во осминафиналето. Математиката е таква затоа што најблискиот ривал Австрија има три бода пред мечот со Иран. Ако победат, Австријците ќе обезбедат билет за нокаут фазата што ќе значи нивни најдобар резултат на мундијалите по 1993-та кога беа 14-ти.

Меѓу 16-те сакаат и Босна и Херцеговина и Тунис. Во меѓусебната пресметка Босанците ќе ја минат групата доколку победат. Ако загубат, во последното коло против Хрватска треба да освојат барем бод за да се надеваат на осминафинале. А тоа е несигурна варијанта. Доколку триумфира, Тунис ќе ги отвори мундијалските порти затоа што во петтото коло ќе игра со Иран и ќе биде фаворит. Затоа Босна и Тунис се како пред финале.

Во групата „А“, идентичен натпревар како Македонија и Хрватска ќе одиграат Катар и Шпанија. Домаќинот и светскиот првак имаат по три победи и обезбедено осминафинале. Таткото против синот, Валеро Ривера сениор е селектор на Катар, а со „армадата“ пред две години ја освои светската титула. Јуниор, пак, игра за Шпанија.

И Словенија веќе ја мина групата, иако загуби во второто коло од Катарците. Ако го совладаат Бразил, Словенците ќе останат во трка за втората позиција. Доколку победат „кариоките“ тие ќе бидат во осминафиналето, па од тој аспект нема да има значење соочувањето меѓу Белорусија и Чиле. Како што стојат работите, борбата за медалите ќе остане без Рутенка. Белорусите имаат шанса за осминафинале само со максимални четири бода против Чиле и Катар до крајот на групната фаза. Но за да се биде ова можно, Бразил не смее да освои повеќе од еден бод во средбите со Словенија и со аутсајдерот Чиле.

Нашите калкулации се поедноставни. Ние победуваме и сакаме да продолжиме. Подоцна во утринската програма ќе слушнеме што очекуваат македонските ракометари од натпреварот со Хрватска и какви се досегашните искуства од средбите со нив. Јас се сеќавам на квалификациска победа во Кале против извонредната генерација којашто на Хрватска и го донесе првиот од двата двата златни олимписки медала. Во неа беа Патрик Чавар, Божидар Јовиќ, сегашниот селектор Славко Голужа, Исток Пуц, Златан Сарачевиќ...

Затоа денеска телевизорите на Прва, од 17 часот. 30 минути порано е мундијалската емисија.