СП Катар од поинаков агол

Двајца Хрвати - две репрезентации

21.01.2015 10:22

Со витештво да се биде подобар, да се заработи почитувањето, да се всади гордост во сопствениот ум. Обрван и Голужа се чини ќе го имаат и овој мотив пред себе...

Ивица Обрван – Славко Голужа. Денешниот натпревар меѓу македонските и хрватските ракометари за првото место во групата „Бе“ на Светското првенство во Бразил носи и интересна, специфична селекторска пресметка. Обрван е на наш, Голужа е нивни.

„Немам никакви емоции во овој дуел. Јас сум професионалец. Ги ценам максимално, имаат добра репрезентација, фаворити се на Мундијалот, но ние ќе се подготвиме“, убедуваше Обрван со „покерашки“ студено лице. Освен саркастична, не сме виделе друга насмевка на неговото лице. А Македонија има стопроцентен биланс. Впечаток  е дека Обрван работи за конечната цел. Потоа ќе слави, потоа ќе се смее. Се надеваме.

Мотивот никогаш не изостанува. И кога се игра маалски, во клупските домашни мечеви, во репрезентацијата не смее никако. Но, спортот нуди и нешто повеќе. Со витештво да се биде подобар, да се заработи почитувањето, да се всади гордост во сопствениот ум. Обрван и Голужа се чини ќе го имаат и овој мотив пред себе.

Двајцата се родени во веќе одумрената хрватска ракометна колепка – градот Метковиќ. Играа во Загреб во 1992-ра и 1993-та и станаа европски прваци. Во 1994-та се закитија со првиот медал за хрватската репрезентација од големите натпреварувања. Потоа Обрван не доби повик во селекцијата, а Голужа освои олимписко злато во Атланта. Во 1999-та се вратија во Метковиќ и една година потоа му го донесоа последниот клупски трофеј на хрватскиот ракомет, во купот на ЕХФ. Заедно го освоија и хрватскиот куп во 2001-ва и 2002-та. Тоа се еднинствените два трофеја во самостојна Хрватска коишто не му припаѓаат на Загреб. И потоа судбината никогаш не ги спои. Се до денеска! Се до дуелот на Македонија и на Хрватска на Мундијалот во Катар.

Голужа го наследи Обрван на клупата на Загреб откако Вардар му го украде пехарот во СЕХА лигата на хрватскиот шампион среде „Арена“. Сега посакуваме да биде поинаку. Обрван нека го наследи бронзениот медал на Голужа од последниот светски шампионат. Навиваме за Ивица Обрван! Сепак е наш!

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ