СП Катар 2015

Наутро го будат со страв, навечер гладијатор

21.01.2015 11:07

Хрватска делува подготвено. Можеби се првата репрезентација што веднаш може да прифати евентуално правило за ограничување на нападот на 24 секунди, брзи се, играат брз центар, во одбраната речиси и не прават фаули, а се непробојни...

Не можам, а да не Ви пренесам извадок од една колумна на хрватскиот колега Милетиќ за настапите на хрватската репрезентација на Светското првенство во пресрет на натпреварот со Македонија. Насловена како „Ако умрам ил загинам“ во еден дел вели:

„Го гледам Вори и не верувам.Човекот е речиси постар од мене, наутро со страв го будат, а одигра 52 минути против Тунис, на две средби има шут 8 од 10, се бори со противничките горостаси на цртата како гладијатор, а контра трча како момче! Се плашам само како ќе изгледа во вториот круг? Забелешките беа во правец на селекторот Голужа кој во првите два натпревара на Светското комплетно се потпре на својата прва постава предводена од веќе легендарниот пивотмен Игор Вори со преку 220 настапи за хрватскиот состав. Тука се и Муса и Брозовиќ, но без лидерот едноставно не се може. А тој е подготвен, како што изјави на средбата со новинарите, му пречи поделбата на млади и стари, на стартери и резерви.

„Сите сме тим, нема резерви, секој играч е битен“-вели горостасот кому му недостасува само уште европско злато.

Со многу комплименти проговори и за македонската репрезентација.

„Македонија игра одличен ракомет, не е случајно тоа што го прикажувате. Имате искусни ракометари, не е никакво изненадување, знам дека ќе имаат огромен мотив да ја победат Хрватска, но ние сме подготвени на се“.

А, Хрватска делува подготвено. Можеби се првата репрезентација што веднаш може да прифати евентуално правило за ограничување на нападот на 24 секунди, брзи се, играат брз центар, во одбраната речиси и не прават фаули, а се непробојни. Немаат ниту многу исклучувања, па ним најмногу им оди во прилог новиот начин на санкционирање на контактите на Светското првенство.

Имаат безмалку се што е потребно за да стигнат во завршницата, до битката за медали каде што се редовно во последните 2 децении. Но, патот дотаму ги води преку Македонија.

 

 

Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ