Во Велес легализирани 2.000 бесправно изградени објекти
Геодетите велат за да се запази рокот неопходно е имателите на бесправни градби навреме да поднесат барање за изработка на овој документ...

Легализацијата на диво изградените објекти во Велес не се одвива според предвидениот план. Од вкупно поднесени 7.800 барања, до крајот на 2014 постапката билe завршена само за 2.000 барања. 3.000 барања сеуште се нецелосно комплетирани, велат од општина Велес.
Геодетите велат за да се запази рокот неопходно е имателите на бесправни градби навреме да поднесат барање за изработка на овој документ.
„Сите граѓани да дојдат во геодетските канцеларии за да си поднесат барање за изработка на тие геодетски елаборати, додека оние кои имаат изработено но ги немаат подигнато да дојдат да ги земат и да ги достават до општините“, вели Офелија Баланчевска, Геобиро „Борче“.
Министерот Јанакиевски вели немањето на елаборати во апликациите е глобален проблем. Апелира до сопствениците на бесправно изградените објекти час поскоро да го обезбедат потребниот документ, напоменувајќи дека за семејствата од ранливи категории овој документ е бесплатен.
„Некаде околу 800 геодетски елаборати се изработени од страна на Катастарот и не постојано сме во комуникација со Министерството за труд и социјала и Агенцијата за Катастар и бројот на поднесители и баратели за ваков тип на елаборат од ден на ден се зголемува“, рече Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски.
31-ви декември оваа година е крајниот рок за поднесување на елаборатите за легализација на дивоизградени објекти. Целиот процес е планирано да заврши две години потоа.
Во Македонија, поднесени се 354.169 барања за легализација. Досега легализирани се 112 илјади објекти од нив 2.000 се на територијата на општина Велес.
Дијана Иванова
