КСС почнува да ја гради фабриката во Кичево
Објектот треба да биде готов до втората половина на ноември и во него до крајот на годинава се планира да се вработат 300 луѓе...

Американската компанија КСС- „Ки Сејфти Системс“ наскоро ќе започне со изградбата на производствениот погон во слободната економска зона во Кичево. Објектот треба да биде готов до втората половина на ноември и во него до крајот на годинава се планира да се вработат 300 луѓе. Во 2016-та година се очекува бројот на вработените да се зголеми на 600 до 700, а подоцна да се стигне до конечниот број од 1.000 вработувања.
„Нашиот проект успешно напредува. Во тек е обука за вработените од првата фаза. Вработувањето од втората фаза почнува, бараме многу искусни оператори, техничари и инженери за процесот. Нашиот браунфилд капацитет е подготвен, опремата е веќе инсталирана. За нашата гринфилд инвестиција договорот беше потпишан, очекуваме дека изградбата ќе започне во следната недела. Заинтересирани сме да работиме со локалните добавувачи. Очекуваме позитивни и поволни резултати“, истакна заменик-претседателот за глобално производство на КСС, Џим Скарпа.
Во моментов, во Кичево КСС има браунфилд инвестиција во постоечки објект во центарот на градот, а 10 работници се наоѓаат на обука во Романија.
Директор на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо истакна дека со потпишувањето на договорите денес, активно започнува оваа инвестиција, на која најдолго се работело.
КСС произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника и има 34 фабрики во 12 земји.
