Ставрески: Светска банка и ЕБОР ги потврдија здравите политики
Според Ставрески, со отворањето на 120.000 работни места во и надвор од зоните, како и со зголемувањето на платите и пензиите, постепено се подобрува животниот стадард. Очекува до крајот на мандатот, невработеноста да се спушти под 25%...

Реализација на крупни капитални проекти кои повлекуваат ангажман на локални компании, привлекување странски инвестиции кои го билдаат извозот и отвораат нови работни места, евтини кредитни линии за домашните фирми. Ова се трите клучни фактори кои, според Владата, придонеле економскиот раст на земјава да биде повисок од другите држави од Централна и од Југоисточна Европа, што беше нотирано и во извештаите на Светската банка и на ЕБОР.
„Можеме да очекуваме интензивирање на растот во 2015-та година, бидејќи ќе се реализираат уште неколку крупни инфраструктурни проекти, ќе продолжи високата економска активност на компаниите во слободните економски зони, како и поддршката преку евтините кредитни линии“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Според Ставрески, со отворањето на 120.000 работни места во и надвор од зоните, како и со зголемувањето на платите и пензиите, постепено се подобрува животниот стадард. Очекува до крајот на мандатот, невработеноста да се спушти под 25%.
„Овие резултати покажуваат дека и Светска банка и ЕБОР сметаат дека македонската Влада знае што прави и знае како да ја води економијата во вистинска насока. Сè друго се сведува на дневна политика и влијае на реномето на оние кои излегуваат со лаги, дезинформации и апокалиптични сценарија дека, со вакви политики, македонската економија ќе доживее крах. Дали во времето на Шеќеринска, на Кире Наумов или на Абдулменаф Беџети, и на другите редовни критичари, дали во тоа време Македонија била прва регионот на Централната и на Југоисточна Европа според економскиот развој“, нагласи вицепремиерот Ставрески.
Даночните приходи се во рамки на планираното, а кога е во прашање долгот, заклучно со ноември, висината на јавниот долг изнесува 45,4% од БДП, а на државниот 38%. Ставрески уверува - Македонија со среднорочната стратегрија ќе остане во групата ниско до умерено задолжени земји.
Мартин Пушевски
