Хрватите, сепак, пресилни!
Лазаров со седум гола од 13 обиди беше најефикасен кај нас, Манасков, Стоилов, Миркуловски и Георгиевски посигнаа по три...

Македонските ракометари го претрпеа првиот пораз на Светското првенство во Катар. Во дербито за лидерското место во групата „А“, нашиот национален состав загуби од Хрватска со 29-25, полувреме (15-14 за противникот).
Добро го отворивме натпреварот во салата во Духаил. Ги запревме бековите на „коцкестите“, имавме и неколку контри, бевме чекор порапред од нив. Создадовме и позитива од 9-5, го принудивме нивниот селектор Славко Голужа да бара тајм –аут, а по него Хрватите влегоа во серија и дојдоа до 9-9. Се одлепивме и на 13-11, но до паузата ривалот влезе во серија од 4-1 замина на одмор со гол предност. Во тој дел од средбата незапирлив беше Иван Чупиќ со седум од деветте гола на мечот. За него немавме решение, а откако во второто полувреме се разиграа Дувњак и Копљар беше тешко да се парира. Особено што се разбрани и голманот Алиловиќ кој дојде до 13 интервенции. Разликата постојано растеше, Хрватска стигна и до пет гола разлика (24-19) и веќе немаше можност за пресврт.
Лазаров со седум гола од 13 обиди беше најефикасен кај нас, Манасков, Стоилов, Миркуловски и Георгиевски посигнаа по три, Мојсовски два, а Никола Маркоски, Прибак и Филип Лазаров по еден гол. Голманот Борко Ристовски заврши со 13 одбрани.
Кај Хрвтска, Чупик со девет гола од десет шута беше најголема опасност. Дувњак даде пет, а Бичаниќ и Копљар по четири гола. Тоа беше доволно за триумф, за Хрватска четврти во четвртиот натпревар на Мундијалот. Македонија ќе се бори за второто место во Австрија в петок. Ние имаме бод повеќе, а тоа значи дека во меѓусебниот дуел во „Ал Сад“ арената нам ќе ни одговара и реми.
