Нема назад, Македонија има цел

22.01.2015 09:47

Македонија има цел и засега цврсто чекори кон обезбеденото осминафинале и посакуваното четвртфинале што носи и олимписки квалификации...

Македонската ракометна репрезентација го загуби балканското дерби на светското во Катар, но не разочара. Нашите ракометари одиграа храбро, во голем дел од мечот беа и рамноправни, но како и секогаш разликата ја прават детаљите. А, тие беа на страната на хрватската селекција, поради поквалитетниот ростер, но уште повеќе од акумулираното искуство од играње големи натпревари на големите манифестации каде што редовно стигнуваат до битката за медали и најчесто ги освојуваат.
 
Пораз како пораз, можеби беше очекуван, но боли, особено што беше доживеан во добра игра и затоа не смее да разочарува. Македонија има цел и засега цврсто чекори кон обезбеденото осминафинале и посакуваното четвртфинале што носи и олимписки квалификации.
 
Денешниот слободен ден е добредојден, не за анализа на поразот туку за поглед напред, кон утрешниот натпревар со Австрија- последен од групната фаза. Во него и бод ќе ни биде доволен за второто место во групата што засега претпоставува 1/8-финале со Словенија. Тоа е нашата цел.
 
Ниту една ластовичка ја прави пролетта ниту еден пораз може да го расипе впечатокот. Низ трите победи во серија нашите ракометари покажаа дека можат, а поразот означува нов почеток. Како што велат во нашиот состав:Светското првенство во Катар за Македонија почнува утре.