Ниту во облаци по победите, ниту во очај по поразите
Ниту првиот триумф над Тунис, ниту оние потоа против Иран и Босна не ги вивнаа нашите во облаци, ниту пак поразот од Хрватска го сфатија премногу трагично...

Еуфорични и горди во славјето на победите, достоинствени и храбри во доживувањето на поразите. Искуствата од речиси постојаните настапи на светските и на европските првенства ги имаат добро научено македонските ракометари како да се справуваат со предизвиците на турнирските натпреварувања. Не е поинаку ниту овде во Катар. Ниту првиот триумф над Тунис, ниту оние потоа против Иран и Босна не ги вивнаа нашите во облаци, ниту пак поразот од Хрватска го сфатија премногу трагично.
„Дадовме 100 насто, правевме грешки, но сето тоа беше со најдобра можна намера. Ние го добивме на искуство мечот со БиХ, на ист начин загубивме од Хрватска и нема ништо трагично во тоа. Големите натпреварувања се големи токму поради пеколниот ритам. Не е воопшто срамота да се загуби од Хрватите“, вели голманот Борко Ристовски.
Кога мотивацијата на теренот ќе понесе, кога адреналинот ќе достигне до врв, кога чувствувате дека сте блиску, а сепак не можете да се прекачите преку ѕидот, болката е голема. Горчината од пропуштената шанса тежи, затоа и филмот неколкупати се враќаше минатата вечер, но Хрватска е затворено досие. Нема разочараност, нема жалење. Мундијалот тече, продолжува, Македонија се насочува кон претстојните, најмалку две искушенија, иако копнежот е да одигра уште пет натпревари до крајот. На агендата следува Австрија, добриот познаник од последниве неколку години.
„Никогаш не е пријатно чувството кога ќе се загуби, но мораме да се свртиме кон Австрија, бидејќи со триумф ќе бидеме втори во групата. Тоа би бил одличен пласман, нешто што го зацртавме како посакувана цел пред почетокот на овој мундијал, па затоа и треба максимално да се фокусираме кон овој натпревар“, вели Немања Прибак, којшто до пресметката со Австријците ќе биде максимално подготвен по здравствените проблеми коишто ги имаше пред дуелот со Хрватите.
Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ
