Лазаров најдобар поентер, а трет стрелец
Ако се биде според нашите желби и планови, Лазаров би требало да одигра повеќе мундијалски натпревари од Гајиќ, доколку се случи Македонија да се сретне со Словенија во осминафиналето, се рабира и да победи...

Капитенот на македонската ракометна репрезентација котира високо на листата стрелци на Светското првенство во Катар. Кире Лазаров има вкупно 29 гола од 54 шута на четитите досегашни натпревари. Против Тунис даде десет, со Иран девет, со Босна и Херцеговина три, а вчера против Хрватска седум гола. Леворакиот бомбардер, кој за многумина ракометни стручњаци е најдобар десен бек во светот, погоди 17 од 20 пенали на шампионатот. Подобри од него се Словенецот Драган Гајиќ со 39 погодоци, десет повеќе од Лазаров и Жарко Марковиќ од Катар со 32 прецизни удари кон противничките мрежи. Ако се биде според нашите желби и планови, Лазаров би требало да одигра повеќе мундијалски натпревари од Гајиќ, доколку се случи Македонија да се сретне со Словенија во осминафиналето, се рабира и да победи. Двете репрезентации веќе обезбедија место во нокаут сегментот. Ние сме блиску до второто место во групата „Бе“, а Словенија до третото во групата „А“. Во тој случај Марковиќ би останал еден од главните конкуренти на Лазаров во трката за најдобар стрелец на првенството, а во потесниот круг е и Иван Чупиќ. Хрватското крило против нас блесна со девет гола од десет обиди, а вкупно има 28 погодоци. Блиску се и двајца Австријци на кои нашата одбрана утре треба да им посвети победно внимание. Роберт Вебер со 26 и Раул Сантос со 24 гола се на петтото и на шестото место на листата.
А на онаа за асистенции, највисоко од нашите е Филип Миркуловски со 15 додавања за гол. Со таков ефект тој се наоѓа на делба на шестата позиција, а Кире Лазаров ја дели осмата со 13 асистенции. Но убав е погледот на индивидуалната статистика кога се во прашање вкупниот број поени, односно головите и асистенциите заедно. Во оваа категорија капитенот Лазаров е прв на Мундијалот пред Гајиќ и Марковиќ. Кире има 42 поена (29 гола и 13 асистенции), а најблиските конкуренти два помалку. Во оваа конкуренција Миркуловски го дели 17-тото место со 28 поени (13 гола, 15 асистенции).
Во кумулативната статистика на отскокнува и Дејан Манасков како деветти со четирите украдени топки во досегашниот тек на првенството.
Овие бројки не мора ништо да значат затоа што ракометот е колективен спорт, но можат да посочат кого треба да завориме, од кого да се одбраниме, каде да нападнеме. Првата задача е утре, во „Ал Сад“ арената од 17 часот, кога против Австрија ќе ни одговара и бод за да го задржиме второто место во групата. Преносот е на МРТ 1 од 17 часот, а триесетина минути порано ќе почне емисијата посветена на ракометниот Мундијал во Катар.
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
