Македонија – Австрија 2:1
Втор пат по ред на големите настани, откако бевме соперници во групата на последното Европско првенство во Данска 2014-та. Претходно двете соочувања беа во квалификациите за СП во Шпанија...

Утре на сп во Катар, Македонија игра уште еден значаен дуел против Австрија. Хронолошки оваа репрезентација ни е во најсвежи сеќавања зашто меѓусебните средби се во последните три години.
Втор пат по ред на големите настани, откако бевме соперници во групата на последното Европско првенство во Данска 2014-та. Претходно двете соочувања беа во квалификациите за СП во Шпанија.
Досегашните три пресметки биле резултатски изедначени и македонската селекција играла тешко против Австријците. Ги запознаа во јунските бараж двомечи за пласман на претходното СП во Шпанија.
Во првиот во Скопје избраниците на Звонко Шундовски славеа со 26-21, Кире Лазаров и Темелков беа најефикасни со по 5 гола, но во ревцаншот беа поразени со 30-27, во меч во кој на полувреме водеа со 14-13. Кире Лазаров 8 и Наумче Мојсоски 7 постигнаа половина од головите за Македонија.
Австријците отсуствуваа од Мундијалот во Шпанија, но обезбедија учество на Европскот првенство во Данска, каде што го одигравме третиот и последен меѓусебен дуел.
На 16 јануари минатата година во групната фаза во Хернинг македонските ракометари одиграа тежок натпревар во кој славеа со 22-21 предводени повторно од Кире Лазаров кој погоди 8 пати.
Македонија беше втора во групата веднаш зад Данска а Австрија како третопласирана исто така продолжи во главната фаза по групи. Таму ние ги загубивме трите меча од Унгарија, Исланд и Шпанија, а Австријците против истата тројка успеа да освои два бода само против Унгарците.
На крајот Македонија со единствениот триумф над Австрија , едно реми со Чешка и четири порази беше 10-та во Европа. Австријците со две победи над Чешка и Унгарија и четири порази, се најде едно место подоле.
Избраниците на Ивица Обрван утре во салата Ал Атија во Доха од 17 часот ќе имаат уште една тешка, директната пресметка со Австрија за второто место во групата.
Предводени се од Исланѓанецот Патрекур Јоханесон, кој на клупата го наследи неговиот сонародник Дагур Сигурдсон, актуелниот селектор на Германија. Скандинавските стратези два пати последовно ги однесоа на големи настани и создадоа респектабилна селекција предводена од голманот Мариновиќ, потоа Сантос, браќата Херман, Силаги и Вебер. Во Катар досега загубија од Хрватска два разлика, ја совладаа БиХ и ремизираа со Тунис.
Југослав Костовски, специјален известувач од Катар за МРТ
