Одобрен условен отпуст за Кежаровски

22.01.2015 13:04

Ваквата одлука судот ја темели на беспрекорното и примерно поведение што ги покажал новинарот додека бил во притвор. Освен тоа има издржано и повеќе од 50% од затворската казна...

Новинарот Томислав Кежаровски нема да се врати во затвор. Кривичниот суд доцна синоќа донесе решение со кое го уважи барањето на директорот од затворот во Шуто Оризари, и на новинарот му изрече условен отпуст.

Тоа значи дека Кежаровски нема потреба да се враќа во затвор по истекот на прекинот на казната и ќе биде слободен се до 27 јуни – денот кога завршува неговата затворска казна.

Ваквата одлука судот ја темели на беспрекорното и примерно поведение што ги покажал новинарот додека бил во притвор. Освен тоа има издржано и повеќе од 50% од затворската казна.

„Правниот застапник уште го нема добиено решението. Откако ќе го добиеме ќе го разгледаме и ќе имаме изграден став, кој ќе и го соопштиме на јавноста“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Со цел да му помогнат на семејството кое поради затворот на Кежаровски е во тешка материјална положба ЗНМ отвори сметка за донации.

Повикот за солидарност ќе трае еден месец. Сите граѓани кои сакаат да му помогнат на семејството Кежаровски, парите може да ги уплатат на жиро- сметка во банка.

 

Анита Димитријевска