Тачи: Моделот Приштина- Белград за надминување на спорот со името

22.01.2015 16:10

Моделот Приштина- Белград за решение на спорот Скопје- Атина го препорача косовскиот министер за надворешни работи, Хашим Тачи по средбата со македонскиот колега, Никола Попоски. Вели дека старите спорови треба да се останат во минатото и да се гледа кон иднината. Шефот на македонската дипломатијата Никола Попоски најави можност за заеднички состанок меѓу владите на двете земји...

Скопје и Атина би можеле да го искористат искуството на Приштина и Белград за надминување на меѓусебниот спор. Косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи, по средбата со македонскиот колега Никола Попоски, зборуваше за моделот како можност да се мрдне од мртва точка. Вели дека двете држави имаат исти приоритети.

„Целта на Косово е зачленувањето во НАТО и ЕУ и токму поради тоа Косово дава поддршка на македонските евроатлански интеграции, и за изнаоѓање на решение на спорот меѓу Македонија и Грција. За постигнување на таков договор едноставно треба старите спорови да се останат во минатото и да се гледа кон иднината“, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Хашим Тачи.

Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и отворен политички дијалог, вели Шефот на дипломатијата Никола Попоски.

„Три работи беа истакнати како значајни за следниот период: едната е можноста за заеднички состанок помеѓу владите на Косово и Македонија, потоа олеснување на условите за минување на границата, а третата е во делот на регионалната соработка и зголемување на интензитетот на проекти кои би можеле да ги промовираме како заеднички во контекст на европските интеграции“, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Прашан за тоа дали косовските власти имаат сознание за италијанска група која врбува Албанци за боиштата во Сирија, Тачи со одговор-  Косово претставува добар пример за делување против овие групи.

Во контест на билатералната соработка во Владата беа потпишани два договора кои   се однесуваат на заемната заштита на инвестициите и соработката на дипломатските академии на двете министерства за надворешни работи. Тачи исто така соопшти дека во Косово веќе започнале работите околу проектот за изградба на делницата од Приштина до Скопје, проект во висина од 600 милиони евра и дека сега се очекува и Македонија да започне со соодветни активности.

 

Лидија Чакар