Со евтини авиобилети до шест нови европски дестинации

22.01.2015 16:25

Промотивен лет од Скопје до Охрид како најава за шесте нови дестинации кои ќе ја поврзат земјава со европски центри. Авионската глетка над езерото ги импресионира децата од Домот за деца без родители кои беа денешни патници. За надлежните, идните конекции ќе им овозможат на граѓаните да посетат значајни настани, а на бизнисмените да ги прошират деловните контакти...

До шест нови дестинации со евтини авио билети. Со субвенции од државната каса од Скопје ќе се лета до Барселона, Хамбург, Фридрихшафен, Нирнберг и Осло, а од Охрид до Базел. На промотивен лет со нискобуџетната „Визер“ и најмладите од Домот за деца без родители. Полни со импресија го надлетаа Охридското езеро.

Дел од дечињата прв пат летаат со авион, дел од нив летале повеќе пати. Поголемите дечиња им го држат стравот на помалите.

Со новите линии преку евтини авиобилети ќе се отвори можност за посета на најатрактивните градови во Европа.

„Минатата година комапнијата Визер леташе на 14 дестинации, а со новите дестиниции се збогатува авиосообраќајот за уште шест, и се заокржува на 20 дестинации“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Се создаваат услови граѓаните да ги посетат глобалните спортски настани, културни манифестации, а бизнис заедницата да ги прошири деловните контакти.

„Во 2014-та превезовме речиси 16 милиони патници, што е раст од 17% и претставува најброзрастечка авиокомпанија во Европа“, изјави Џон Стивенсон, заменик извршен директор на „Визер“.

„Визер“ и во изминатите три години со субвенции од владата реализираше летови од Македонија.

„Преку финансиската поддршка што ја нуди владата од околу 5 милиони евра за прв пат се воведува и директна линија од Охрид до Базел со што ќе овозможиме зголемување на бројот на туристи на охридското крајбрежје“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

По постигнатата бројка од 1.270.000 патници низ македонските аеродроми лани, таргет за годинава, според Јанакиески е надминување на бројот од 1,5 милиони.

 

Александра Перевска