Разбиена меѓународна нарко- мрежа

22.01.2015 16:34

Гостивар повторно под полициска опсада, но, овој пат за апсење инволвирани во нарко-бизнис. Двајца се уапсени. Запленета е дрога и пронајдена е документација за брз трансфер на пари. Заработиле два ипол милиони швајцарски франци...

Изутрината полицијата вршеше претреси на три локации во Гостивар, за обезбедување на докази за кривично дело перење пари поврзано со нарко дилери. Двајца, во својство на сведоци  ќе бидат изведени на распит пред надлежен јавен обвинител.

Била пронајдена документација за брз трансфер на поголеми суми на пари на повеќе лица, испратени од Швајцарија во  Македонија. Претресот следи по барање за меѓународна правна помош меѓу македонското и швајцарското обвинителство, за пронаоѓање докази против Саид Сабедини и Алигега Кујтим, кои беа приведени во Швајцарија во заедничката истрага на македонската и швајцарската полиција.

Сомнежите биле дека дел од парите заработени со продавање на дрогата преку брз трансфер и курири биле праќани во Македонија.

„По вклучувањето на македонската полиција во истрагата и откривањето на 25-те килограми хероин, односно приведувањето на двете лица, од направените проверки сомненијата на швајцарските органи на прогонот велат дека на разни начини преку вршење на кривичното дело перење пари, двајцата успеале да канализираат над 2,5 милиони швајцарски франци“, изјави Иво Котевски – помошник министер за односи со јавноста во МВР.

Двајцата приведени во Цирих, подолг период наназад биле под истрага заради сомненијата дека станува збор за крупни играчи на швајцарскиот наркопазар кои ги снабдувале со хероин поголемите дилери во Швајцарија.

Пратките хероин ги набавувале од Турција. Швајцарските власти успеале да запленат и 100-тина килограми,  но, заради непостоење доволно докази не успеале да покренат обвинение против Саити и Алигега.

Нивното богатство растело, а нелегално стекнатите средства ги покривале преку бизниси со градежништво и трговија со половни автомобили. Според некои проценки само домот во кој живее Саити во Цирих, чини неколку милиони швајцарски франци.

 

Наташа Гркова- Петрушевска