Наместо примирје, борбите на истокот од Украина се разгоруваат
13 цивили загинаа, десетици се повредени, откако граната погодила преполна трамвајска станица. Украинската полиција уапсила група луѓе за кои се сомничи дека стојад зад нападот...

И покрај напорите на меѓународната заедница да стави крај на украинската криза, борбите не стивнуваат, напротив, се повеќе се разгоруваат. Изутрината нов инцидент. 13 цивили загинаа, десетици се повредени, откако граната погодила преполна трамвајска станица. Украинската полиција уапсила група луѓе за кои се сомничи дека стојад зад нападот.
„Слушнавме силна експлозија и одеднаш луѓето почнаа да бегаат. Еден автобус беше целосно уништен. Имаше мртви тела насекаде. Некои беа повредени и бараа помош. Што сакаат од нас?“, изјави Валери, жител на Доњецк.
Двете страни со меѓусебни обвинувања кој стои зад нападот.
„Руските терористи денес направија ужасно дело против човештвото. Целата одговорност лежи во Русија“, изјави премиерот Арсениј Јацењук.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров побара итна истрага за како што го нарече „монструозниот чин“ и ја обвини Украина за груба провокација. Побара и меѓународна помош во откривање на сторителите.
„Ние ќе сториме се што е во рамките на нашите можности за да дојде до прекин на борбите“, рече Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Во меѓувреме расте бројот на загинати. Украинската војска денеска се повлече од аеродромот во Доњецк, околу кој се водат најкрвавите борби.
Синоќа министрите за надворешни на Германија, Франција, Русија и Украина договорија повлекување на тешкото оружје. А од почетокот на кризата загинаа 4.800 луѓе, а околу 1,2 милиони се раселени.
Марија Петковска
