ОДВ Електрик влегува во втор инвестициски циклус
ОДВ Електрик од Германија, во Охрид го започна вториот инвестициски циклус вреден еден милион евра, со што бројот на вработени ќе се зголеми на сто. До крајот на 2016-та во новиот производствен погон на компанијата ќе работат близу илјада лица...

По изградбата на новиот објект во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга во германската компанија за произвоство на автоделови ОДВ Електрик, ќе се вработат околу 1.000 лица. До крајот на месецот во постојниот погон ќе биде инсталирана втората производна линија што ќе овозможи ангажирање на нови 75 работници.
„Луѓето се гладни да работат, едвај чекаат да се појават фирми каде што ќе работат. Од друга страна постои еден јасен недостаток на индустриско искуство“, изјави Огнен Цубалевски, проект менаџер на ОДВ Електрик.
Локалната самоуправа подготвено ги дочекува големите инвеститори.
„Ние остануваме на оние олеснителсни околности и услови што ги нудиме на компаниите кои доаѓаат во Охрид,со цел да го олесниме влезот на странски и домашни инвеститори“, вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Во тек е обука на кадри, бидеќи во оваа индустриска гранка грешките мора да бидат сведени на нула.
Сашо Нелоски
