Минимум лекарски грешки со фатални последици

22.01.2015 17:16

Последната лекарска грешка со пациентката во градската болница „8-ми септември“, ги мобилизира здравствените власти. Од Лекарската комора велат дека несакани случаи има и затоа е потребна поголема будност при интервенциите. Статистиката говори за минимум грешки со фатални последици..

Една до две лекарски грешки со фатални последици, смрт или трајно оштетување, годишно се забележуваат во македонското здравство- вели претседателот на лекарската комора. Според лекарот Кочо Чакаларовски, грешките не секогаш се прават во финалните интервенции.

„Ако анестезиологот направи погрешна проценка на текот на анестезиологијата и пациентот умре, поради тоа хирургот неможе да го покаже своето знаење, својата умешност. Хирурзите исто така прават грешки, има статистики кои што укажуваат дека дури во една седмина од случаите може погрешен орган да биде изваден“, вели Кочо Чакаларовски, претседател на лекарска комора на Македонија.

До нив стигаат и по 100-тина претставки од незадоволни граѓани. Најчесто кај нив, комисиите не констатира вина кај лекарот. Единствен случај во земјава каде што лекар заврши во затвор е велешкиот гинеколог.

Рана на македонското здравство остави и случајот Кметовска. Најновиот случај што ги мобилизира на будност здравствените власти беше со пациентката на која и беа сошиени вагината и анусот.

Лекарски грешки не се случуваат само кај нас. Во земјите од Европската унија, според светската здравствена организација во 8 до 12 проценти од медицинските случаи потврдени се лекарски грешки.

Андријана Атанасовска