Мундијалскиот инфо-канал со сторија за Борко Ристовски

Сонот на Борко – настап под петте олимписки кругови

23.01.2015 09:39

По петтото место на ЕП во 2012, Македонија не успеа да се пласира за ЛОИ 2012 во Лондон, бидејќи на квалификацискиот турнир загуби од Шведска и од Унгарија. На овој светски шампионат искусниот македонски тим одново ќе се обиде да стане олимписки учесник...

Официјалниот инфо-канал на 24-то ракометно СП во Катар објавува сторија за македонскиот репрезентативен голман Борко Ристовски. Претставувајќи го како глобтротер којшто дома го бранеше голот на Вардар и на Металург, а интернационалната кариера ја градеше во шпанските Алгекирас и Теукро, во германски Гумерсбах, накусо во катарски Ал Ахли и сега во француски Кретеј, авторот потсетува дека тој е прв голман на нашиот национален тим речиси цела деценија.

Како што стои во текстот, Борко има еден голем сон – да игра под петте олимписки кругови во Рио де Жанеиро.

„Тоа е нашата голема цел. Во Доха сакаме да се доближиме што е можно поблиску до дестинацијата од нашите соништа, Рио“, вели Ристовски.

По петтото место на ЕП во 2012, Македонија не успеа да се пласира за ЛОИ 2012 во Лондон, бидејќи на квалификацискиот турнир загуби од Шведска и од Унгарија. На овој светски шампионат искусниот македонски тим одново ќе се обиде да стане олимписки учесник.

„Имаме одличен состав овде. Нашето ниво на изведба е навистина високо. Ги добивме првите три меча, и дадовме силен отпор на Хрватска и сето тоа ни влева доверба да победиме и во последниот натпревар со Австрија и да завршиме втори во групата“, вели Ристовски.

Негова проценка е дека Словенија најверојатно ќе биде противник на Македонија во 1/8-финалето.

„За да дојдеме поблиску до Рио, треба да играме најмалку во 1/4-финалето, но во одлично играчко расположение сме успешно да ја комплетираме мисијата“, вели голманот.

Ристовски е задоволен со неговата форма во Доха. Статистиката покажува оти има значајна улога во тимот – го брани секој трет удар кон македонскиот гол, за што, според него, огромна е заслугата на дефанзивците пред него, како и воопшто, настапот на целиот тим со голема деоверба.

„Одлично сме вкомпонирани. Лани на ЕП имавме проблеми со многу повреди, но овој пат не е така. На клупата имаме силни алтернативи и одговорноста можеме да ја распределиме на повеќе ракометари“, изјавува Ристовски во белешката за него на официјалниот инфо-канал на Мундијалот.