Македонија преку Австрија до полесно осминафинале
Нам ни одговара и реми па најверојатно дуел против Словенија зашто само чудо може да ни го додели домаќинот Катар во првата нокаут рунда на Мундијалот...

Уште еден значаен дуел за нашите ракометари против Австрија. Во Катар, втор пат по ред на големите настани по оној во групната фаза на Европското првенство во Данска лани.
Во Хернинг на 16 јануари славевме минимално, но заедно и без поволности обезбедивме пласман во главната фаза, овој пат победникот го освојува второто место и за противник во осминафиналето ќе го добие третопласираниот тим од А групата. Нам ни одговара и реми па најверојатно дуел против Словенија зашто само чудо може да ни го додели домаќинот Катар во првата нокаут рунда на Мундијалот.
Толку за комбинациите и што би било. Нашите ракометари се во реалноста, цврсто на земја, најмалку фокусирани на тоа кој ќе им биде ривал во осминафиналето. Поразот од Хрватска е веќе историја, се кова стратегија, се освежува и менталната и физичката сила за новиот предизвик.
„Ние после трите победи и не се израдувавме многу, и тоа ми дава за право да се надевам дека не сме емоционално испразнети. Сега доаѓа главното, само со позитивна мисла одиме напред, максимално концентрирани да ја извојуваме четвртата победа зашто сме фаворити.Јас силно верувам во оваа репрезентација“, изјави капитенот Кирил Лазаров пред единствениот тренинг во прсрет на мечот.
На поволен исходи и расплет во групата се надева и крилото Гоце Георгиевски кој на четирите досегашни натпревари постигна 13 гола со извонрден просек на реализација од 88,7 %.
„Продолжуваме напред, без последици од поразот со Хрватска. Австрија е квалитетна селекција, добро ги познаваме но, ги анализираме, ги знаеме нивните слабости и треба да ги искористиме максимално.Имаме голема шанса да излеземе со позитивен резултат од овој дуел,“ рече Георгиевски.
Австријците се незгоден противник и според традицијата иако водиме со 2-1 во меѓусебните дуели и според она што го видовме од нив на претходните три натпревари во групата.
Од клупата ги предводи Исланѓанецот Патрекур Јоханесон кој со неговиот претходник Сигурдсон создадоа респектабилен состав што и на овој Мундијал го предводат моментно деветиот голман на првенството Мариновиќ и крилата Сантос и Вебер, кои од 116-те гола на Австрија постигнаа 50.
Македонија – Австрија денеска од 17 часот на прва.
Југослав Костовски, специјален известувач од Катар за МРТ
