Почина саудискиот крал Абдула бин Абдулазис
23.01.2015 09:59
За нов саудиски крал е именуван неговиот брат Салман. Полубратот на сега починатиот крал, Мукрин е новиот крунски принц и престолонаследник...

Кралот на Саудиска Арабија Абдула бин Абдулазис почина синоќа во болница на 90-годишна возраст, соопшти Кралската палата во Ријад.
Неколку недели тој беше на болничко лекување поради инфекција на белите дробови.
За нов саудиски крал е именуван неговиот брат Салман. Полубратот на сега починатиот крал, Мукрин е новиот крунски принц и престолонаследник.
Новиот крал Салман, кој има 79 години и шеесетгодишниот Мукрин, како и починатиот Абдула, се деца на основачот на модерна Саудиска Арабија, кралот Абдулазис, познат како Ибн Сауд кој почина во 1953 година.
Починатиот крал Абдула беше тринаесеттиот, од 37-те синови на кралот Абдулазис (Ибн Сауд). Роден е во август 1924 година во Ријад.
