САД: Марш за поддршка на човечкиот живот

23.01.2015 10:36

Неродените деца имаат право на живот, ова е пораката од Маршот за живот што секоја година на 22 јануари се одржува во Вашингтон и други американски градови со барање за укинување на абортусот...

Со извици, „Ние сме за живот“, околу 20 илјади Американци маршираа во Вашингтон за правото на живот на неродените деца. Маршот за живот традиционално се одржува од 1973-та година наваму по пресудата на Врховниот суд за легализација на абортусот.

„Се бориме за сите бебиња што не можат да се бранат.“

„Животот е скапоцено нешто и се обидуваме да им укажеме на оние што не разбираат.“

„Овде сме бидејќи веруваме дека животот е скапоцен подарок и на мајките не треба да им се одземе правото да создаваат живот“, велат дел од учесниците на маршот.

Млади, стари, доктори, свештеници, активисти побараа подобри права за децата и жените во Америка.

„Целта не маршот е да покажеме поддршка за човечкиот живот и за да протестираме против абортусот што убива милиони бебиња во оваа држава.“

„Ова е најголемата мобилизација на жени и мажи коишто се физички и психолошки повредени од абортус. Тие сега јавно предупредуваат“, велат учениците на Маршот за живот.

Организаторите на Маршот за живот се иницијатори за потпишување на петиција што ќе му биде доставена на папата во Рим непосредно пред неговата посета на Америка во септември. Се очекува да се потпишат неколку десетици милиони луѓе од над 20 земји во светот.

„Собираме потписи за светската петиција до Папата за спасување на семејството. Семејството и бракот меѓу една жена и еден маж се создадени од Господ. Семејството денес е под притисок од секуларното општество кое одобрува хомосексуални бракови и мулти бракови, а има само еден вид на брак меѓу една жена и еден маж.“

Барањата на Маршот за живот ги слушнаа и конгресмените. Во Конгресот во процедура се два закони за спречување на абортусот по 20-та недела и за забрана на финансирање на абортусот со федерални пари од даночните обврзници.

Учесниците во Маршот за живот бараат од конгресмените најитно да донесат закон за укинување на абортусот во Соединетите Американски Држави.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ